Почитувани родители, драги ученици, наставници, колеги и вработени во нашето училиште!

Јубилејот 60 години од прераснувањето на нашето училиште во основно со  донесеното решение во учебната 1956/1957 година, веќе е зад нас.

Нѐ очекува уште една учебна година полна со активности, новитети и предизвици. Можеби ќе звучи премногу оптимистички, но со право можам да соопштам дека токму оваа година ќе биде година на заедничка посветеност на решавање на предизвиците од страна на сите партиципиенти и чинители. Неуморно ќе се работи на сите полиња на делување, пред сѐ во насока на подобрување на  условите во кои што учат и творат нашите ученици. Впрочем, сите ние мораме да сфатиме дека просветните лица и нивната просветителска дејност треба да биде целосно посветена кон учениците.

Следејќи ги промените во образовниот систем како и иновациите кои се имплементирани во истиот, во делот за професионалниот и кариерниот развој на наставниците, стручните соработници и директорот, оваа година изготвена е и Годишна програма за работа која се однесува на професионалниот и кариерениот развој на истите. Во дадената програма се содржани насоки и алатки кои ќе им помогнат на училиштето, следењето на работата да го стави во функција на подобрување на компетенциите на воспитно­ - образовниот кадар преку професионалниот и кариерен развој базиран на идентификуваните потреби. Во месец април следува обука од страна на компететни обучувачи, поддржана од Градоначалникот и финансирана од општина Новаци. И оваа учебна година продолжуваме со очекуваната динамика во поглед на имплементирањето на нови активности од проектите МИО, ЕКО училиште, како и проекти во организација на општина Новаци.

Исто така, сакам со задоволство да споделам информација со сите Вас, дека нашето училиште во месец јануари доби донација од АД ЕЛЕМ, во вид на парични средства за набавка на 32 прочистувачи на воздухот, во исто толку работни простории – училници. Прочистувачи на воздух ќе добијат сите подрачни училишта, подрачното основно училиште во Бач и централното основно училиште во Новаци.

Престои период на реконструкции и санации на постоечките санитарни јазли и изградба на нови за учениците од одделенска настава во централното училиште во Новаци, во подрачните училишта, како и одржување на сите училишни згради. Ќе се набават и нови наставно – образовни средства и помагала за учениците.

На крајот од ова мое скромно обраќање како раководно лице на институцијата, сакам на сите Вас да Ви го честитам патрониот празник на нашето училиште, со желби за уште поголем напредок и успех  во иднина.

                                                                                                          ВД Директор

                                                                                                    м-р Илче Соклевски